Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека ако се констатира дека Договорот за добрососедство меѓу Скопје и Софија не испорачува доверба, може се додадат механизми за следење на процесот.
„Можеме да додадеме додатни механизми за следење на процесот, без да се прејудицира исходот на тие дебати и разговори. Па, и во форма на патоказ, меѓутоа сметаме дека тоа не треба да биде дел од преговарачката рамка, затоа што ќе го помести процесот непотребно“, вели Османи во интервју за емисијата „360 степени“.
Министерот додава дека патоказот, сепак, би бил дел од ЕУ-процесот, иако не би бил формално дел од Рамката, бидејќи со тоа не се согласуваат другите земји членки. Деновиве со Бугарија се разговара и на оваа тема, по што ќе се знае дали ќе има надминување на отворените прашања, рече Османи, додавајќи дека барањето на Бугарија да се прифати дека македонската етногенеза е бугарска, а македонскиот јазик е кодифициран врз основа на западно-бугарски дијалекти е рефлексија на создадената недоверба кон Договорот за добрососедство.
„Реално, таа формулација е официјално предложена од Бугарија како решение на еден од КОРЕПЕР-ите (состанок на амбасадорите на земјите членки на ЕУ) пред одржување на Советот за општи работи на ЕУ – дека доколку ние ја прифатиме историската реалност, Бугарија ќе ја прифати сегашната реалност. Меѓутоа, мислам дека тој став во моментот е рефлексија на недовербата создадена од Договорот и од процесот кој сме го создале. Бидејќи во право се тие што велат дека Договорот не ја предвидува оваа тема за разговори. Договорот предвидува дека историските комисии ќе ги разгледаат историските аргументи како основа за заедничко одбележување и градење на доверба“, истакна Османи.
Инаку, откако официјална Софија на 17 ноември, на Советот за општи работи на Европската унија, ја блокираше преговарачката рамка за земјава со ЕУ со тврдења дека Скопје го прекршува Договорот за добрососедство од 2017 година, тимови од министерствата за надворешни работи на двете земји се обидуваат да најдат решение.
Овој викенд, според дипломатски извори за РСЕ во Брисел е клучен за постигнување договор меѓу меѓу двете земји оти последниот состанок на Советот на Општи работи на ЕУ ќе се одржи на 8 декември и тој е последната можност да се деблокира македонскиот евроинтеграциски пат за време на германското претседателство со унијата кое завршува на 31 декември.