ЕК се надева дека Македонија ќе ги почне преговорите за членство

Во Европската комисија и натаму доминира надеж дека е можен прогрес со кој ќе се овозможи старт на преговори за членство на Македонија во ЕУ.

„Ги поттикнуваме двете страни да продолжат со напорите за пронаоѓање решение за своите отворени билатерални прашања. И понатаму се надеваме дека наскоро ќе се постигне договор за преговарачката рамка, за да се одржи што е можно поскоро првата меѓувладина конференција, идеално, уште годинава“, изјави денеска за РСЕ Ана Писионеро, портпаролка на ЕК.

Претстојниот викенд е клучен за постигнување договор меѓу Северна Македонија и Бугарија, која е единствената земја која го блокира отворањето на преговори со Унијата, велат дипломатски извори за РСЕ во Брисел. Притиска времето за договор, оти последниот состанок на Советот на Општи работи на ЕУ ќе се одржи на 8 декември. Ова е форматот во кој е можно да се усвои преговарачката рамка и да се одобри организирање на првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Македонија, и на која формално ќе бидат отворени претпристапните преговори. Друг дипломатски извор нагласува дека сите земји членки, освен Бугарија и понатаму се надеваат дека е можно отворање на преговорите за членство.


Извори од Европската комисија потврдуваат дека и покрај бугарската блокада, продолжуваат со работа на отворањето на преговорите со државата која на ова чека 11 години.

Бугарија го блокира отворањето на преговорите за членство, инсиситрајќи на адекватно спроведување на договорот за добрососедство и бара во преговарачакта рамка добрососедските односи да бидат дел од приоритетните поглавја.