Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) распиша меѓународен тендер за избор на компанија која ќе изработи научна студија „Влијанието на зрачењата од телекомуникациските уреди и технологии врз здравјето на луѓето и околината – животната средина која не опкружува (4Г, 5Г)”. Тендерот е објавен во Бирото за јавни набавки, а избраната компанија со која ќе биде склучен договор ќе има обврска во рок од шест месеци да ја изработи бараната студија која ќе биде и основа за понатамошните чекори кои ќе ги презема АЕК врзани за развој на безжичните телекомуникациски мрежи во земјава.
„Веројатно ниту една технолошка револуција не поминала без да предизвика страв кај одредена категорија луѓе. Иако, реално, 5Г за обичниот граѓанин ќе значи само надградба на 4Г мрежата којашто сега е во функција, сепак во АЕК постојано пристигнуваат поплаки кои се мотивирани од страв од новата генерација 5Г мрежи и барања да се отстранат антени за кои граѓаните сметаа дека се од новата генерација“, вели Сашо Димитријоски, директор на АЕК.
Тој вели дека со студијата ќе се добие документ каде точно ќе се знае што е во интерес на граѓаните и како стојат работите со 5Г мрежата.
„Денес веќе е дојдена ситуација дотаму што секој нов предавател се смета дека е антена за 5Г мрежа. Па дури имавме ситуација каде две антени без запалени, веројатно од оние кои веруваат во опасноста од 5Г мрежата, кои сметале дека станува збор за такви антени. Затоа и решивме да распишеме меѓународен тендер за избор на компанија која ќе направи сеопфатно истражување, мерење и анализа за влијанието на 5Г мрежата врз здравјето на граѓаните. Веруваме дека со неа ќе имаме документ каде точно ќе се знае што е во интерес на граѓаните и како стојат работите со 5Г мрежата“, вели Димитријоски.
Научната студија, како што е наведено во тендерската документација, треба да даде јасна слика за моменталната ситуација со влијанието на зрачењата од телекомуникациските алатки поткрепена со факти.