Протест во 7 градови: „Оставка на Заев, слобода на народот”

Фотографија од протестот пред Владата по интервјуто на премиерот Зоран Заев за БГНЕС, Скопје 26 ноември 2020

Под мотото „Оставка на Заев, слобода на народот”, денеска, во организација на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, ќе се организираат протести во Куманово, Тетово, Велес, Кавадарци, Прилеп, Охрид и Битола, како реакција на завчерашното интервју на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС, во кое тој вели дека „Бугарија не е фашизам, дека Југославија ги делела Бугарија и Македонија и дека со Бугарија имаме заедничка историја“.

Сите седум протестни собири ќе почнат во 18 часот.

„Само со оставка на Зоран Заев, македонските граѓани ќе живеат подобро- стои во соопштението на опозицијата. ВМРО-ДПМНЕ ги повикува сите граѓани во одбрана на националните интереси“, стои во денешното партиско соопштение.

Вчера во Скопје беше организиран протест со автомобили од спортскиот центар „Борис Трајковски“ до Владата, каде говореше лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.