Жалам што моето интервју предизвика силни негативни емоции за кои сум свесен и ги разбирам, но имам обврска да ги поттикнам македонските граѓани за изнаоѓање решение, изјави денеска премиерот Зоран Заев на новинарско прашање поврзано со интервјуто дадено за бугарската агенција БГНЕС, а во која вели дека „Бугарија не е фашизам, дека Југославија не разделила со Бугарија и дека со Бугарија имаме заедничка историја“.
По вчерашното интервју, јавноста бурно реагираше, дел од историчарите од историската комисија се оградија, а опозицијата побара оставка од премиерот и повика на протести.
За интервјуто за БГНЕС, Заев рече дека не знае дали ќе ги подобри позициите на Северна Македонија во омекнувањето на ставот на Бугарија во врска со одобрувањето на преговарачката рамка со Европската унија, но потенцираше дека во интервјуто се водел од желбата да помогне во евроинтегративните процеси, без да калкулира за својот политички рејтинг.
„Во исто време имам обврска кон македонските граѓани да поттикнам придвижување кон решение на прашањата што се отворија со Република Бугарија и што станаа пречка за одобрување на рамката за преговори со Европската Унија. И двата народа, и Македонците и Бугарите, треба да се соочиме со тие прашања од историјата и да развиеме и одржиме капацитет за разбирање и за простување. Европските народи се договорија да не заборават, но да си простат. Заради иднината. Тоа е мојата најдобра намера и таа намера постојано ќе ја застапувам додека постои и најмала шанса за решенија и за успех на нашиот процес за членство во ЕУ со старт на преговорите. Нашата државност почива на делата на антифашизмот. Нашата слобода е резултат на антифашизмот. Македонскиот народ ја оствари својата сувереност во АВНОЈ-ска Југославија и го оствари својот вековен идеал за своја држава со АСНОМ-ска Македонија.
АСНОМ е историска потврда на нашиот македонски јазик и нашиот македонски идентитет. Денеска посебно постојат македонски литературен и бугарски литературен јазик“, рече денеска Заев, при почнувањето на нова инвестиција во селото Гиновци.
Но, додаде, „давањето етнички карактеристики на фашизмот е неприфатливо, дали било тоа во бугарски или било кој друг контекст“.
„Ако не ги признаеме слабостите на историјата, не можеме да градиме заедничка иднина. Нам ни треба историја која гради мост на пријателство меѓу народите, преку глава ни е од истории кои создаваат раздор и поттикнуваат нетрпеливост. Дајте да живееме денеска. Време е да создаваме историја која создава иднина за младите и за идните генерации“, кажа Заев.