Мицкоски: Заев ја негира антифашистичката борба на граѓаните

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната прес-конференција изјави дека интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарскиот медиум БГНЕС претставува додворување кон бугарската јавност и подготовка за македонската јавност. Според него, Заев несмасно и грубо изнесува тези кои можат да претставуваат сериозно нарушување на преговарачките позиции, а со тоа и нарушување на европската иднина на Македонија и македонските граѓани.

„Заев во ова скандалозно интервју ја негира антифашистичката борба на граѓаните и нашето право да се повикуваме на тоа наследство. Тој прифаќа дека овде постоела бугарска администрација и практично македонските борци за независна македонска држава кои што се бореле против фашистичкиот окупатор во Втората светска војна ги изедначува со истиот тој окупатор за време на ова скандалозно интервју, па вели дека Скопје, Куманово и Паланка всушност биле ослободени а не биле поробени во Втората светска војна“, рече Мицкоски.

Тој изрази загриженост дека интервју може да се толкува и како прв чекор кон откажување на македонското малцинство во Бугарија, како и кинење на сите пресуди кои што меѓународните судови до сега ги имаат изречено.

„Како што е Судот за човекови права во Стразбур, каде што јасно и недвосмислено стојат насоките кои што за жал, на неевропски и нецивилизиран начин нашиот источен сосед до сега ги игнорира и истите тие не ги применува. Морам да изразам сериозна загриженост за една тенденција за менување на карактер и улогата на македонските херои, што е упад и фалсификат на македонската историја“, додаде Мицкоски.

Тој порача и дека Владата не треба да си игра со македонскиот идентитет.

Заев во интервјуто изјави дека имаме заедничка историја со Бугарија и дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кои се бореле за слободата на Македонија и Одринско.