Имаме заедничка историја. Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кои се бореа за слободата на Македонија и Одринско. Југославија не разделуваше и ако не ги признаеме слабостите на историјата нема да можеме да ја градиме иднината, вели премиерот Зоран Заев во интервју за бугарската агенција БГНЕС објавено денеска.
Македонскиот премиер додава дека Бугарија не е фашизам, туку дека е наш пријател и дека „ако некој си дозволи да ја оцрни Бугарија со ПР публикации ширум светот, тој ќе сноси одговорност и дека државата не учествува во ова“.
Според Заев, имплементацијата на Договорот со Бугарија ќе биде закон, а т.н. „длабока држава“ останала во ВМРО-ДПМНЕ чии функционери „едно велат дома, а друго надвор“. Во врска со „бугарското негирање на македонскиот идентитет и јазик“, премиерот во интервјуто вели дека Бугарија многу често нагласува дека ја препознава реалноста дека Македонците и македонскиот јазик постојат и се бара да се утврди тој дел од историјата.
На прашањето за „фашистички окупатор“, Заев вели дека веќе се заменети 20-тина табли со таков натпис. Во интервјуто премиерот убедува дека Северна Македонија нема претензии кон Бугарија, ниту малцински претензии, а во врска со изјавата на претседателот Стево Пендароски за (Тодор) Живковистичка политика на Бугарија вели дека Пендаровски „не е толку искусен политичар како Заев и дека сите понекогаш не бираме правилни зборови, но дека Пендаровски е за пријателство со Бугарија.