295 војници за поддршка на полицијата во здравствените објекти

Стојанче Ангелов, ЦУК

Во поддршка на полицијата за обезбедување на објектите согласно потребите на Министерството за здравство ќе учествуваат вкупно 295 припадници на Армијата. Оваа бројка е еластична и тоа не значи дека утре ќе излезат на терен сите, изјави денеска в.д. директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

Ова е дел од стратегијата по прогласувањето на 30-дневната кризна состојба во државата, за што, по предлог на државата, одлука донесе Владата како мерка за борба против ширењето на коронавирусот.

Во овој момент околу 150 полицајци и 300 припадници на Армијата ќе бидат ангажирани за обезбедување на здравствени објекти. Припадниците на Армијата нема да бидат вооружени и ќе бидат распределени само онаму каде што ќе биде тоа неопходно, но исклучиво како придружба на полициските службеници.

„Полициските службеници се оние кои што имаат полициски овластувања, додека припадниците на Армијата ќе им помагаат на нив, пред се за одржување на редот пред болниците и ковид центрите, за да се овозможи поквалитетна и непречена работа на здравствените работници“, изјави Ангелов.

Состојбата од аспект на безбедноста, нагласи тој, е целосно под контрола и инцидентите се изолирани и ретки.