Повикот до пратениците од опозицијата е да останат вклучени во работата на Собранието. Навреме се соопштени сите идеи. Три месеци зборуваме за тоа. Собранието нема целосно да работи онлајн. Тоа не е идејата, изјави денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери.
„Дополнувањето на Предлогот на Деловникот на Собранието се однесува на пратеници кои ќе имаат решение од соодветна институција и доколку состојбата им дозволува да се вклучат онлајн, односно ако се асимптоматски случаи или со лесни симптоми на домашно лекување“, вели Џафери во изјава за МИА.
Според него, за да се понуди соодветен одговор за функционално Собрание, треба да се има политичка волја. За најавите на опозициските пратеници дека нема да учествуваат во работата на кординациите и на некои седници, Џафери истакнува дека Собранието мора да биде функционално, она за што сите се залагале во своите кампањи. Нагласува исто така дека ова е специфична ситуација на пандемија која не треба да се користи во други цели.
Во текот на оваа недела, според собранискиот спикер Џафери, ќе се вратат на работа пратеници кои биле позитивни на Ковид-19 или во самоизолација, така што може да се очекува мнозинството да има 61 глас. Сепак, предупредува џафери, тоа никогаш не се знае имајќи ја предвид пандемијата, но и други околности.