Ахмети: Груби преведувал во истрагата за „Жолтата куќа“

Лидерот на ДУИ Али Ахмети вели дека не го загрижуваат гласините дека пратеници од редовите од неговата партија може да поднесат интепелација против вицепремиерот Артан Груби и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
„ Нема загриженост, бидејќи, секако, доколку имаше такво нешто, сигурно пратеникот Изет Меџити ќе разговараше со мене, но таквата тема досега не е отворена,“ изјави Ахмети во интервју за ТВ 21.

Сепак, Ахмети, посочи дека не очекува никој од неговата партија да се приклучи на опозицијата во интерпелацијата.

На новинарското прашање за улогата на Груби пред и по војната во Косово, Ахмети изјави дека Груби бил само преведувач, „ништо повеќе од тоа“ додавајќи дека Груби со години работел како преведувач и службеник во седиштето на НАТО во Скопје, потоа и во Холандската амбасада во Скопје, а претходно бил преведувач и во Хашкиот трибунал 7 или 8 години.
За шпекулациите околку вклученоста на Груби во истрагите околу „Жолтата куќа“ во Косово, откако дел од албанските медиуми пишуваа дека Груби е повикан за сведок во врска со оваа куќа, Ахмети изјави дека Груби имал информации кои ги добивал преведувајќи интервјуа со сведоци и инволвирани.
„Јас не сметам дека тој бил истражител! Секако дека ја познавал материјата бидејќи наивно би било д акажам дека не ја знаел материјата кога работел како преведувач и одреден период работел со луѓе кои ги правеле интервјуата“ изјави Ахмети.
Ахмети негираше дека знаел нешто за таканаречената „жолта куќа“, но бил во тек со обвиненијата кои се покренати од Дик Марти и дека тоа поглавје е затворено како невистина.

„Жолтата куќа“ за време и по воениот конфликт во Косово беше посочувана како место во кое се правеле операции за вадење органи од заробеници на ОНА. Обвинението против косовскиот претседател Хашим Тачи се темели на извештајот на Специјалниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти, за злосторствата на ОВК во Косово и Албанија, 1998-2000 година. Во тој извештај од 2011 година, Марти го идентификуваше Тачи како водач на групата Дреница на ОВК, која држела, мачела и убивала заробени Срби во нехумани услови во импровизирани логори во Албанија, како и Албанци и Роми кои ги сметала за нелојални.

Тоа што, како што вели Ахмети, неговите пријатели од ОВК се во Хаг е тажен момент, не само за него туку и за Албанците, затоа што на обвинителна клупа е ставена историјата на Албанците.
„Обвинителот директно ја стави како криминална организација, што не се совпаѓа со вистината. Според тоа што го видов на почетокот, криминална група го нарекоа Генералниот штаб на ОНА, што не се совпаѓа со вистината!“ изјави Ахмети.
Тој истакна дека верува во меѓународната правда и дека, како што рече, обвинетите поранешни команданти на УЧК ќе ја докажат невиноста.