Барањата на Бугарија се апсолутно неприфатливи за Македонија и македонската јавност. Покрај тоа, тоа предизвикува радикалите да се обидат да ја зголемат недовербата кон Бугарија, што ќе влијае на членовите на македонската страна на комисијата. Во овој момент, во ваква атмосфера ќе биде многу потешко да се разговара, изјави копретседавачот на македонскиот тим во Заедничката историска комисија професор Драги Ѓоргиев за бугарската телевизија „Европа“. Тој во интервјуто посочил дека политичката ситуација по бугарското вето ќе влијае на работата на Заедничката историска комисија, но, сепак, смета дека таа треба да продолжи да работи. „Надминување на недоразбирањата можат да се случат само преку дијалог, преку разговори“, изјави Ѓоргиев. Следниот состанок на заеднилката комисија треба да се случи на 3 и 4 декември, а ќе биде онлајн поради пандемијата.
Бугарското МНР за РСЕ кажа што точно бара Софија
„Веќе има притисок врз комисијата да ги прекине преговорите. Јавноста е и разочарана, но и бесна поради овој потег на Бугарија. Несомнено, тој притисок од јавноста се пренесува и врз членовите на комисијата. Се разбира, политички досега од ниту еден фактор не сме имале притисок, но од медиумите и јавноста е навистина голем. Се чувствува, но како што реков, јас сум за продолжување на работата на комисијата“, додаде Ѓоргиев.
Заев: Бугарското вето е голема неправда и најголем пораз на ЕУ
Ѓоргиев изјавил дека личноста на Гоце Делчев ќе продолжи да предизвикува полемики меѓу историчарите од обете страни, но вели дека Делчев покрај влијанието на неговиот светоглед од бугарскиот образовен контекст во кој се развива и идеите на бугарските револуционери, има и силен македонски политички идентитет.
„Тој е роден во Македонија, се бори за Македонија. Има силен македонски политички идентитет и сето тоа не може да го запоставиме. Затоа сметам дека во овој момент треба да бидеме флексибилни и умни, да го оставиме на страна прашањето чиј е Гоце Делчев. Тој е силно вграден во меморијата и на бугарскиот и на македонскиот народ. Според тоа, можеме да го сметаме за херој кој може заеднички да го славиме и тука треба да најдеме решение, а дискусиите ќе продолжат понатаму,“ вели Ѓоргиев нагласувајќи дека не е работа на комисијата да донесе одлука за неговиот идентитет.