Саркози седна на обвинителна клупа

Започна судењето на поранешниот француски претседател Николас Саркози. Тој е обвинет за корупција и влијаење врз продажба. Саркози беше претседател на Франција во период од 2007 до 2012 година. Тој е обвинет за поткуп на судија во замена за информации за истрагите кои во тој период се водеа против неговата партија и начинот на кој се финансирала. 65-годишниот десничар ги негираше таквите обвинувања.

Неговиот случај е поврзан со долгогодишната истрага за сомнеж за користење на тајна донација за финансирање на неговата претседателска кампања на изборите во 2007 година. Обвинителите тврдат дека Саркози и неговиот адвокат во 2014 година се обиделе да поткупат судија нудејќи му престижно работно место во Монако, а за возврат да им достави информации во врска со истрагата. Покрај него на обвинителна клупа се и 65 годишен адвокат Тиери Херзог и 73 годишниот судија Гилберт Азиберт. И тие ги демантираа обвинувањата.