Илјадници Белоруси демонстрираа против Лукашенко, неколку стотици се уапсени

Минск, 22.11.2020.

Илјадници Белоруси организираа нови демонстрации против Александар Лукашенко, барајќи негова оставка. Групата за заштита на човековите права Вјасна соопшти дека полицијата уапсила повеќе стотици демонстранти и дека тие претепале многу други учесници на протестот. Демонстрантите првично вчера се собраа во различни делови на Минск за да ја отежнат работата на полицијата, но се соочија со репресија кога се обидоа да се обединат во центарот на главниот град. Полицијата употреби шок бомби за да ги растера демонстрантите и започна да апси.

Македонија се придружува на санкциите на ЕУ кон Белорусија


Демонстрантите извикуваа „Да живее Белорусија“ и вееа црвено-бели знамиња на опозицијата. Голем број полицајци се распоредени на улиците во Минск, со оклопни возила и водени топови. Белорусите на социјалните мрежи пишуваат дека повторно имало судири меѓу граѓаните и полицијата во дворовите на зградите. Лидерот на опозицијата Свјатлана Циханускаја, која се засолни во Литванија веднаш по изборите за да избегне апсење, го поздрави вчерашниот протест како нов чекор кон „слободна и праведна Белорусија“.

Илјадници луѓе се збогуваа со убиениот белоруски антивладин активист

Белорусија е погодена од политичка криза од претседателските избори на 9 август, кога започнаа масовни антивладини протести низ целата земја, иницирани од официјалните резултати на гласањето, според кои Лукашенко освои повеќе од 80 проценти од гласовите Противниците на Лукашенко тврдат дека изборите биле украдени. И покрај напорите на властите да ги задушат демонстрациите со апсење и потиснување на демонстрантите и активистите, масовните протести не стивнуваат дури и по три и пол месеци. Од почетокот на демонстрациите во август, најмалку четири лица починаа или во знак на протест или по апсењето. Повеќе од 19.000 демонстранти беа уапсени, од кои илјадници беа претепани. 66 годишниот Лукашенко кој управува со Белорусија со цврста рака од јули 1994 година, со репресија на опозицијата и независните медиуми, ги обвинува западните земји за поттикнување протести.