Денеска се одбележуваат 25 години од парафирањето на Дејтонскиот мировен договор, со кој во 1995 година се стави крај на три и полгодишната војна во Босна. Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел кој е во посета на Сараево, денеска изјави дека со членовите на Претседателството на БиХ, имал искрен и отворен разговор за моменталната состојба и идните перспективи.
„Ова е несомнено историски ден за Босна и Херцеговина, но исто така и за Европа. Ова е годишнина што е исто така можност да се осврнеме на она што се случило во минатото и да им се оддаде почит на жртвите и сите оние кои работеа во насока на помирување“, рече Борел по средбата во Претседателството.
Тој ја истакна важноста од оддавање почит на сите жртви на војната и колективното сеќавање и ја поздрави заедничката изјава на Претседателството по повод 25-годишнината од Дејтонскиот договор. Според него, заедничко чествување за сите жртви би било важно. Тој истакна дека ЕУ е водечки економски и секаков друг партнер на Босна и Херцеговина и дека останува на домашните власти да ги интензивираат напорите.
„Статусот кандидат може да се сфати сериозно само кога има напредок во сите приоритети. Нагласувам дека повеќе од 80 проценти од населението во Босна и Херцеговина ја поддржува европската интеграција“, истакна Борел.
На денешен ден 21 ноември 1995 година, по тринеделна мировна конференција во американската база Рајт Патерсон во Дејтон, Охајо, договорот го парафираа претседателот на Босна и Херцеговина Алија Изетбеговиќ, хрватскиот лидер Фрањо Туџман и првиот човек на тогашната СР Југославија Слободан Милошевиќ.