Владата на денешната седница донесе одлука за прогласување 30-дневна кризна состојба на територијата на Македонија, заради заштита на јавното здравје од пандемијата на ковид-19, соопшти владината прес-служба.
Ова е на предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, по претходен предлог на Групата за процена. Претходно на седница, Советот за безбедност препорача прогласување кризна состојба на целата територија на Македонија, со цел ефикасно справување со последиците од кризата заради корона-кризата.
Периодот за постоење на кризна состојба на територија на Северна Македонија е во траење од 30 дена почнувајќи од денеска и за оваа одлука Владата ќе го извести претседателот на државата и Собранието.
Истовремено, Владата ќе му предложи на претседателот на Македонија да одлучи за учество на дел од припадниците на Армијата (вид и број на сили и капацитети на армиските единици, намена и задачи за кои се бараат и времетраењето на активноста и ангажираноста на армиските единици) во справување со кризната состојба.
Владата заклучи главниот штаб при Центарот за управување со кризи веднаш да почне со подготовка на Акциски план за превенција и справување со ширењето на Ковид-19, како и целосен преглед за расположливи човечки и материјално-технички ресурси и план за координирано дејствување.
Владата донесе заклучок и министерствата за внатрешни работи, за одбрана, за здравство, Армијата, Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување, сите расположливи капацитети и ресурси да ги стават во функција на справување со кризната состојба, стои во соопштението.