Претседателот Стево Пендаровски не очекува во наредните неколку недели да се постигне договор со Бугарија со што би се деблокирал патот на Северна Македонија кон ЕУ. Бугарија вели тој, драстично ја променила политиката кон земјава во изминатите неколку месеци. Со таква политика, според него, Бугарија покажува дека не може да излезе од времето на Тодор Живков. Сепак, вели дека решение треба да продолжи да се бара во иднина, но само преку научни и историски факти, а не политички.
„Реални шанси не постојат. Шанси некакви минимални постојат, но реални изгледи, високи, мнозински, за жал, не постојат“, рече претседателот Стево Пендаровски за Трилинг на ТВ 24
Поради блокадата на европските интеграции на земјава, потенцира Пендаровски, реално е да се јави евроскептицизам и антибугарско расположение. Претседателот Пендаровски не очекува дека е можна политичка криза поради блокада на овој процес за интеграција во Европската унија, туку само појава на десен популизам во политиката.
Тој вели дека во земјава е потребно да има национално помирување и заеднички позиции околу две три точки и прашања меѓу политичките субјекти, како за име, за јазик, за евроинтеграции.