Македонија се придружува на санкциите на ЕУ кон Белорусија

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел


Седум европски држави кои не се членки на ЕУ се придружија на санкциите на Унијата против Белорусија, како одговор на бруталното задушување на продемократските протести по оспорените претседателски избори во земјата во август.

Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, денеска соопшти дека на санкциите се придружиле земјите-кандидати Северна Македонија, Црна Гора и Албанија, како и Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Украина.

Лукашенко, кој владее со Белорусија скоро 26 години, се соочува со речиси секојдневни протести за негова оставка по изборите од 9 август, кои опозицијата ги смета за наместени, а Западот одби да ги признае. Неколку демонстранти беа убиени во бруталното задушување на протестите, откако власта прогласи убедлива победа на Лукашнко на изборите.

ЕУ воведе забрана за визи и замрзнување средства за Лукашенко и повеќе од 50 високи функционери поради нивното учество во задушувањето на протестите. Поради тоа што репресијата не прекина, Борел вчера соопшти дека министрите за надворешни работи на земјите-членки се согласиле санкциите да вклучат и „институции, бизнисмени и фирми“.