Министерот Филипче се сретна со сопствениците на три приватни болници

Министерот за здравство Венко Филипче

Министерот за здравство Венко Филипче попладнево одржа работен состанок со сопствениците на приватните болници „Жан Митрев“, „Систина“ и „Ремедика“.

Разговорите, соопштија од Министерството за здравство, беа конструктивни, а приватните болници изразија позитивен став во однос на користење на нивните ресурси од страна на државата за справување со пандемијата.

Со оглед на тоа што за прв пат државата заедно со приватните здравствени институции треба да направи реорганизација за справување со ковид – кризата во време на пандемија, дополнителни прецизирања на условите, начинот на користење на ресурсите на приватните здравствени установи ќе бидат договорени на следниот состанок закажан за в недела. Дотогаш на формализирање на соработката работат тимовите од Министерството за здравство и приватните болници, стои во соопштението.

Инаку, владата почна постапка за прогласување кризна состојба во целата земја, со која ќе го преземе и управувањето со приватните болници заради справување со поголемиот број заболени од коронавирус.