Соочувајќи се со низа судски загуби и не можејќи да обезбеди докази за да ги поддржи тврдењата за широко распространети нерегуларности во гласањето, американскиот претседател Доналд Трамп презема невиден чекор во обид да го поништи процесот на Изборниот колеџ. Но, не се очекува тоа да го смени резултатот од изборите на 3 ноември, затоа што демократот Џо Бајден има над 270 гласови од Изборниот колеџ, потребни за победа.
Сепак, непоткрепените тврдења на претседателот и неговите републикански сојузници за изборна измама и напади врз системот се закануваат да ја нарушат довербата на Американците во изборниот процес и самата демократија.
Новата стратегија на Трамп е насочена кон одложување на вообичаениот рутински процес на сертифицирање на државните избори и убедување на законодавците на републиканските држави да интервенираат во негово име во сојузните држави што ги освои Бајден, а фокусот сега е на Мичиген и Пенсилванија.
На вчерашната прес-конференција, Бајден ја нарече „безобразна“ комуникацијата на Трамп со државните службеници и додаде дека тоа е последниот доказ дека Трамп е меѓу „најнеодговорните претседатели во американската историја“.
„Повеќето републиканци со кои разговарав, вклучително и некои гувернери, сметаат дека ова е исцрпувачко. Испраќа ужасна порака за тоа кои сме ние како држава “, рече Бајден.