Западен Балкан опфатен во дистрибуцијата на вакцини против ковид-19

Претседателката на Европската комисија Урсула ван дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, архивска фотографија

Европската унија ќе ги има предвид и потребите на Западен Балкан кога ќе започне дистрибуцијата на вакцината против коронавирусот, беше објавено во Брисел на крајот од самитот на Унијата. Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел потврди дека Европската комисија работи со земјите-членки на ЕУ за да обезбедат договори со кои се гарантира снабдување со вакцината низ ЕУ, но и преку нејзините граници. „ЕК разви критериуми за дистрибуција на вакцини меѓу земјите-членки и секако не можеме да го заборавиме Западен Балкан, каде сме особено посветени“, рече Мишел.

ЕУ ќе набави 300 милиони дози од вакцината против коронавирус


Претседателката на Европската комисија Урсула ван дер Лајен објасни дека првично дистрибуцијата ќе започне во мал број што постепено ќе се зголемува. Таа тврди дека ЕК има јасен план и постепен пристап до вакцините, како што пристигнуваат. Според неа, постои двонасочен пристап. Првиот и најважен е COVAX, кој има за цел да го забрза развојот и производството на вакцини и да гарантира фер и непристрасен пристап до сите земји во светот. Ван дер Лајен истакна дека принципот е да се обезбеди земјите со високи примања да го финансираат COVAХ, така што земјите со ниски и средни примања преку овој систем ќе имаат пристап до вакцината. „Друга опција е ако се случи земјите-членки да имаат премногу дози, тие се во можност, и законски им е дозволено, да ги дадат тие дози на пример на Западен Балкан“, рече ван дер Лајен.