Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на својот Фејсбук профил напиша дека уште пред осум месеци предложил воведување на кризна состојба, како што пишува, пред сè затоа што таа е регулирана согласно закон, без можност за широки толкувања, што би се рекло со помали шанси за злоупотреба. Но тогаш како што вели ниту премиерот Зоран Заев, ниту претседателот Стево Пендаровски не биле за тоа.
„Инаку, тогаш прогласувањето на вонредна состојба која е непрецизно регулирана им даде можност за масовни злоупотреби во пресрет на изборите, легализиран поткуп во форма на картички за еднократна употреба, субвенции, дотации, кои беа директен поткуп, а не помош. Денес кога парите се потрошија, потрошија 2 милијарди евра, кризата со ковид не се намали, дојдоа на мојот став дека потребно е кризна состојба“, пишува Мицкоски.
Тој пишува дека „кризната состојба нема да биде искористена за вистинска борба против ковидот, туку за замајување на јавноста дека работат нешто, додека пандемијата ќе продолжи да одзема животи поради неспособност, читајќи ги сите оние сведоштва за личните трагедии на луѓето кои ги губат своите најблиски“.
Мицкоски прашува како тоа има потреба за кризна состојба, а Заев тера избори во криза во Штип и Пласница.
Претседателот Стево Пендаровски по состанокот на Советот за безбедност рече дека предлагаат да се воведе 30 дневна кризна состојба. Одлука за тоа треба да донесе Владата која од 21 часот одржува седница.