За една недела осудени четворица соработници на РСЕ од Белорусија

Јулија Коцкаја

Осумдневна казна затвор доби соработничка на Белорускиот сервис на Радио Слободна Европа, која беше приведена минатиот викенд на протестите во Минск. Судот во Минск денеска ја прогласи уредничката на видео програмата, Јулија Коцкаја, за виновна за учество во ненајавен протест. Таа го отфрли обвинението, велејќи дека го покривала настанот како новинар.

Коцкаја е една од повеќе од 1.200 луѓе кои беа приведени од полицијата за немирите на 15 ноември низ Белорусија. Во земјата има речиси секојдневни протести откако Лукашенко беше прогласена за победник на изборите во земјата на 9 август и покрај обвиненијата за изборни измами од страна на опозицијата и непризнавање на резултатите од страна на Западот.

Најмалку 18 новинари - вклучувајќи ги Коцкаја и тројца други соработници на Белорускиот сервис на РСЕ, фоторепортерот Андреј Шаулиха, снимателот Андреј Рабчик и репортерот ветеран Ихар Карни се меѓу приведените, наведува Белоруското здружение на новинари.
Сите, исто така, се изјаснија за невини, инсистирајќи дека го покриваат протестот. И тие, претходно неделава, беа осудени и добија неколкудневни казни затвор.

Минатата недела, на 15 дена затвор беше осуден уште еден дописник на Белорускиот сервис, под истото обвинение. Во август, белоруското Министерство за надворешни работи одби да ги продолжи акредитациите на неколку дописници на Радио Слободна Европа, принудувајќи ги да ја прекинат својата работа за РСЕ.