ЕП жали што Бугарија и Северна Македонија се уште не нашле компромис

Зградата на Европскиот парламент.

Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент во предлог извештај за Македонија ја повторува својата целосна поддршка на засилената регионална соработка и апелира до сите страни да обезбедат целосно и континуирано спроведување на Договорот од Преспа и Договорот за добрососедски односи со Бугарија.

Жалат што Бугарија и Северна Македонија се уште не нашле компромис за прашањата поврзани со историјата и јазикот. Веруваат дека тоа наскоро ќе се реши за да не се загрози динамиката на интеграцијата. Во Извештајот се наведува дека се радуваат на одржувањето на првата меѓувладина конференција, за почеток на пристапните разговори без понатамошно одложување.

Во Извештајот Комитетот ја поздравува јасната стратешка ориентација и посветеност на Северна Македонија кон европската интеграција, која се манифестира со континуирана имплементација на реформите поврзани со пристапувањето. Се повикуваат властите да продолжат со напорите за зајакнување на демократската консолидација и процесот на трансформација, со борбата против корупцијата и враќањето на
владеењето на правото, истовремено подобрувајќи ја климата за медиумите и граѓанското општество.

Во извештајот се нагласува важноста за владеење на правото, почитувањето на човековите права, а се спомнуваат и социо-економските реформи и загадувањето. Се поздравува позитивниот ангажман на главните политички сили во земјата за усвојување на клучното законодавство и за непречениот изборен процес. А се пофалуваат и опозициските партии кои останаа ангажирани во Собрание. Пофалби има и до Собранието за поддршката на клучните одлуки кои се во заеднички национален интерес. Но треба да се подобрат одредени работи во делот на брзите процедури за носење закони, потребен е консензус за надградба на Деловникот, потребата од навремен, инклузивен и сеопфатен преглед на Изборниот законик.

Во извештајот се повикува на подобрување на транспарентноста при финансирањето на политичките партии. Европскиот парламент потсетува на потребата да се спроведуваат препораките од Државниот ревизор. Во извештајот се инсистира и на понатамошно подобрување на транспарентноста и видливоста на финансирањето од ЕУ.