Претседателот Стево Пендаровски и премиерот Зоран Заев велат дека не чуствуваат одговорност за ветото на Бугарија на преговарачката рамка за Северна Mакедонија и Европската унија (ЕУ). Двајцата први луѓе на државата го делат ставот дека „направиле напори за почеток на преговорите со ЕУ и дека барањата на Бугарија не биле дел од Договорот за добрососедство“.
„Не чувствувам одоговорност затоа што целиот свет знае да не пофали, знае да не награди и да го покаже тоа колку сме луѓе со поглед кон иднината и Европејци и тоа правиме во европски манири“, рече премиерот Заев по денешниот состанок на Советот за безбедност на кој беше предложена 30-дневена кризна состојба во државата поради Ковид-19.
Шефот на државата Пендаровски на истата прес-конференција додаде дека ако потпишале нешто надвор од Договорот со Бугарија, тогаш треба да се бара одговорност од нив.
Тој нагласи дека под „заедничка историја“ не се подразбира дека сме имале бугарска историја.
„Не чуствувам одговорност за ветото затоа што не сме потпишале ниту договориле ни писмено ни усмено ништо надвор од Договорот за добрососедство. Да сме потишале тогаш би можеле да барате одговорност. Не да барате, сами ќе си заминеме“, рече Пендаровски.
На новинарско прашање дали ќе има средба Заев - Мицкоски по бугарското вето, премиерот рече дека „ако седне на маса со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, може да се извлечат само мотивации за нови кавги меѓу Македонија и Бугарија“.
„Ако сакаме да се скараме со Бугарија, не ми треба Мицкоски, тоа можам и сам да го направам. Целта е градење на пријателство“, рече Заев.
Претседателот Пендаровски додаде дека „не смееме да се спуштиме на уличарско ниво“, негирајќи дека по ветото ја заострил реториката кон Бугарија.