Директорката на Европската централна банка, Кристин Лагард, денеска повика планираниот фонд за обнова на Европската унија (ЕУ) од коронавирусот да стане достапен „без одлагање”, откако Полска и Унгарија го блокираа усвојувањето на планот.
Унгарија и Полска го блокираа усвојувањето на седумгодишниот буџет на ЕУ и планот за закрепнување од пандемијата на вирусот корона, поради новиот механизам што ги ускратува фондовите на ЕУ на земјите чии влади ги нарушуваат демократските стандарди и владеењето на правото.
Апелот уследи пред видеоконференцијата од страна на лидерите на ЕУ, на која ќе доминира спорот за буџетот, кој се заканува да го задржи отклучувањето на многу потребниот стимул за ублажување на економскиот удар од пандемијата.
„Пакетот на ЕУ за следната генерација од 750 милијарди евра „мора да стане оперативен без одлагање. Дополнителните ресурси на пакетот можат да ги олеснат експанзивните фискални политики, особено во оние земји во еврозоната со ограничен фискален простор”, изјави Лагард пред Комитетот за економски и монетарни работи на Европскиот парламент.