Совет за безбедност предлага 30 дена кризна состојба во цела држава

Совет за безбедност за Ковид-19 кај претседателот Стево Пендаровски

Советот за безбедност, после исцрпна дискусија, донесе заклучок кој ќе биде проследен до Владата, а се однесува на тоа да се предложи прогласување на кризна состојба во траење од 30 дена, соопшти денеска претседателот Стево Пендаровски по состанокот на Советот за безбедност во Вила Водно.

Шефот на државата оцени дека состојбата во земјата со Ковид-19 е исклучително сериозна. А состојбата не е поинкава, како што рече, и во буквално сите земји во Европа и светот, далеку полоша од пролетниот бран.

Премиерот Зоран Заев, кој учествуваше на состанокот, изјави дека Владата најдоцна до утре вечер ќе ја прогласи 30-дневната кризна состојба. Министерот за здравство, Венко Филипче, изјави дека „на располагање ќе бидат капацитетите на сите приватни клиники, болници и кадарот во нив и дека многу брзо ќе се направи план за работа по предлогот за кризна состојба.

На седницата на Советот за безбедност на Република Македонија покрај редовните членови на Советот премиерот Зоран Заев, претседателот на Собранието Талат Џафери и министрите за одбрана и за надворешни работи Радмила Шекеринска и Бујар Османи, на покана на претседателот Пендаровски присуствуваа и министерот за здравство, Венко Филипче. Министерот за внатрешни работи Оливер Сапсовски не присуствуваше на состанокот.