Нема да престанеме со напорите. Остануваме посветени да најдеме излез, но само во рамките на тоа што е можно. Ние сме целосно посветени на обврските што произлегуваат од Договорот за добрососедство, но не можеме да зборуваме или да преговараме за јазикот или идентитетот. Јазикот не може да биде пречка за пријателство, ако тоа пријателство се заснова на заемна почит и ние ќе продолжиме да ги убедуваме нашите соседи во Софија дека тоа е така.
Ова денеска го изјави македонскиот вицепремиер Никола Димитров на онлајн конференцијата „Земјите од Западен Балкан на нивниот пат кон ЕУ – Предизвици и можности за европската интеграција“, одговарајќи на прашањето „Што е потребно за Бугарија да го смени својот став во однос на Северна Македонија?“.
Бугарија завчера и официјално стави вето на преговарачката рамка на ЕУ и Северна Македонија, со образложение дека Скопје не го почитува Договорот за добрососедство.
И шефот на македонската дипломатија Бујар Османи денеска потенцираше дека Северна Македонија ќе продолжи со сите напори да бара разумни решенија за надминување на какви било разлики со Бугарија.
„Ние сѐ уште сметаме дека постојат пристојни шанси, доколку го искористиме продуктивно периодот пред нас, да се одржи првата Меѓувладина конференција во рамките на германското претседателство“, рече Османи на денешната видео средба со членовите на неформалната пратеничка група „Пријатели на Северна Македонија” во Европскиот парламент.