Во кабинетот на претседателот Стево Пендаровски денеска министерот за здравство Венко Филипче и другите редовни членови на ова тело разговараат за актуелната состојба со пандемијата со Ковид19 и ги разгледуваат можните опции за справување со здравствената и економската криза предизвикана од вирусот.
До седницата доѓа откако континуирано и со денови бројот на новозаразени и починати е висок, а здравствениот систем, како што кажа неколкупати и министерот Филипче, е под постојан притисок.
Двете опции кои најчесто се споменуваат како можни за намалување на бројот на новозаразени се прогласување кризна состојба и воведување полициски час, од попладневите до утринските часови. Третата можност е Советот да нема никаква препорака и да остане ситуацијата со справување иста- задолжително носење маски секаде, забраната за групирања, забрана за работа на економските оператори по 21 часот и препорака за сите што може да работат од дома да го прават тоа.
Што е кризна состојба?
Во Македонија, во поново време кризна состојба беше прогласена во Дебар во почетокот на епидемијата со коронавирусот, а со години се прогласува кризна состојба на јужната граница поради мигрантскиот бран.
Видете и ова: Армијата ќе помага во обезбедувањето на болницитеОдлука за постоење кризна состојба, според Законот за управување со кризи, ја донесува Владата која го определува и подрачјето зафатено со кризна состојба. Но, одлуката на Владата, не може да трае подолго од 30 дена, па ако продолжи потребата од кризна состојба повеќе од тој период, Владата треба да побара одобрување од Собранието за продолжување на рокот или да предложи прогласување на воена или вонредна состојба.
Законот за управување со кризи предвидува и армијата да може да учествува со дел од своите сили во случај на кризна состојба, што би му дало можност на претседателот Пендаровски, кој е и врховен командант на вооружените сили, да дозволи армијата да помага.
Прогласувањето на кризна состојба им дава и поголеми ингеренции на општините. Општините и градот имаат обврска за свои потреби, заради ефикасна превенција и рано предупредување од потенцијална кризна состојба, да вршат проценка на ризиците и опасностите на локално ниво, да ги утврдуваат потребите и да ги планираат ресурсите, предвидува Законот. Во него се наведува дека во справувањето со кризи, општините и градот Скопје ги вршат и следниве работи:
„Ги следат состојбите и дејствата и појавите кои можат да доведат до настанување на криза на подрачјето на општините и на градот Скопје, донесуваат проценка на загрозеноста од ризици и опасности за настанување на кризна состојба , донесуваат програма за ревитализација по елиминирањето на кризата, ги спроведуваат одлуките на Владата во врска со управување со криза и одлучуваат за висината на средствата за управување со кризи од буџетот на општините и на градот Скопје“.
Кој управува во кризна состојба?
Инаку истиот закон во случај на кризна состојба, предвидува во системот за управување со кризи да се формираат Управувачки комитет и Група за процена и да се основа Дирекција за управување со кризи.
Видете и ова: Денеска седница на Советот за безбедност за ковид-19Управувачкиот комитет е тело на владата и во него меѓу другите членуваат министри и еден претставник од Кабинетот на претседателот, но ќе има вклучено и опозиционер. Имено, законот предвидува, во телото да има и еден претставник од Комисијата за одбрана и безбедност на Собранието од редот на членовите на Комисијата од најголемата политичка партија во опозиција.
Групата за процена, пак, ја сочинуваат директорите на Бирото за јавна безбедност, директорите на разузнавачките служби и претставници од други ресори. Носител на вкупната поддршка (стручна, организациона, административна и друга) на Управувачкиот комитет и Групата за процена во случај на кризна состојба, според законот е Центарот за управување со кризи, кој од неодамна доби нов директор, поранешниот полициски генерал Стојанче Ангелов.
Полициски час
Инаку досега во земјава неколкупати беше пролгасуван полициски час поради пандемијата, а некои траеја повеќе од 80 часа. Тогаш, поради распуштеното собрание, претседателот Стево Пендаровски прогласуваше вонредна состојба, па сите одлуки го носеше Владата како уредби со законска сила. Сега дел владини одлуки поврзани со пандемијата мора да се потврдат и во Собранието, но полицискиот час не е една од нив, туку за тоа одлучува само Владата.
Вчера беа регистрирани 1.406 нови случаи позитивни на коронавирус од направени 3.398 тестирања, со што вкупниот број на заболени од почетокот на пандемијата се зголеми на 50.015 лица. Починаа 21 пациент , сите во болнички услови, а вкупната бројка на смртни случаи од Ковид-19 во земјава е 1.397 лица.
Инаку, според последните вчерашни податоци од Министерството за здравство во моментов во земјава има 19.035 активни случаи на коронавирус, од кои најмногу се во главниот град Скопје.