Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров денеска изјави дека македонскиот јазик и идентитет не може да бидат пречка за интеграција во Унија, чија културната и јазичната различност е вредност којашто треба да се почитува согласно Лисабонскиот договор, соопшти денеска македонскиот Секретаријат за европски прашања (СЕП).
Коментарите доаѓаат во услови на бугарска блокада на македонскиот евроинтеграциски пат, која се случи пред еден ден, поради нерешени прашања на релација Скопје-Софија.
Бугарија ја блокираше преговарачката рамка на Македонија за пристап во ЕУ. Министерката за надворешни работи на Бугарија Екатерина Захариева во Собранието во Софија изјави дека имале долг список на случаи во кои Скопје не се придржувало до потпишаните двострани документи.
Димитров, на денешен состанок со новоименуваниот амбасадор на Италија Андреа Силвестри, порача дека македонскиот јазик не може да биде пречка за добрососедски односи базирани на взаемна почит.
Тој истакнал дека Владата продолжува со обидите да се најде достоинствено решение, почитувајќи го притоа правото на самоопределување во рамки на европските принципи.
„Но, европските интеграции не треба да бидат во заложништво на билатерални прашања. Европеизацијата на нашето општество останува клучна цел на Владата“, вели Димитров.
Инаку, вчера на состанокот на Советот за општи работи на ЕУ, кој се одржа онлајн, Бугарија официјално стави вето на преговарачката рамка за Македонија, со што оневозможи одржување на првата Меѓувладина конференција во декември.