Американскиот фармацевтски гигант „Фајзер“ соопшти дека конечните резултати од испитувањето во доцната фаза на неговата вакцина за Ковид-19, покажале дека таа е 95 проценти ефикасна и дека вакцината се чини дека ќе ги штити повозрасните луѓе со најголем ризик за смрт од Ковид-19.
„Фајзер“ на 18 ноември додаде дека ги има потребните податоци од последните два месеци и дека ќе аплицира за итно одобрување во САД во наредните денови.
Конечните анализи беа објавени само една недела откако првичните резултати од испитувањето покажаа дека вакцината е ефикасна повеќе од 90 проценти. Друг американски производител на лекови, Модерна, на 16 ноември објави прелиминарни податоци за својата вакцина, покажувајќи слична ефикасност.
Веста дојде кога податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажаа дека во услови на голем број ограничувања на целиот континент, бројот на нови случаи во Европа се намали минатата недела за прв пат во последните три месеци.
Сепак, бројот на жртви во регионот продолжува да се зголемува стабилно. Иритирани од најавата за нови ограничувања, илјадници демонстранти во Берлин, кои не носеа маски, се судрија со полицијата која ги растеруваше со водени топови.
Протестите се случија откако Долниот дом на Германскиот парламент, Бундестагот, расправаше за нацрт-законот со кој се предвидува правна поткрепа за Владата да издава правила за социјално дистанцирање, носење маски на јавни места и затворање на продавници и други места за да се забави ширењето на вирусот.
Мерките се поддржани од повеќе луѓе во Германија, но гласно малцинство организира редовни протести низ целата земја тврдејќи дека ограничувањата се неуставни.