Иран ќе му „се врати“ на нуклеарниот договор ако Бајден ги укине санкциите

Мохамад Зариф

Иранскиот министер за надворешни работи, Мохамад Зариф, изјави дека Техеран ќе се врати во целосна согласност со нуклеарниот договор од 2015 година, доколку новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, ги укине осакатувачките санкции против земјата. Зариф во интервјуто за владиниот дневен весник „Иран“ вчера рече дека Техеран останува посветен на нуклеарниот договор, познат формално како Заеднички сеопфатен план за акција и дека Бајден може брзо да ги направи промените преку „три извршни наредби“.

Во последниве месеци, Иран постепено ги намали своите обврски според договорот како одговор на повторно воведените американски санкции откако американскиот претседател Доналд Трамп ги повлече Соединетите држави од договорот во 2018 година. Иран се пожали дека нема економски корист од нуклеарниот договор според кој земјата значително ја ограничи својата нуклеарна програма во замена за олеснување на санкциите.

Бајден рече дека ќе работи со другите инволвирани страни - Велика Британија, Франција, Германија, Русија и Кина, како и ЕУ - за измена на аспектите на договорот откако Иран ќе му се врати на договорот.