Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, денеска во бугарското Собрание изјави дека „додека Бугарија не добие правни гаранции – и од Скопје и во контекст на процесот на преговори со ЕУ, дека ќе дојде до промена на сегашната политика, Софија не може да се согласи на одржување на првата меѓувладина конференција и на старт на преговорите за членство со Северна Македонија“.
Бугарија вчера во Брисел стави вето на преговарачката рамка и на првата меѓувладина седница на Европската унија (ЕУ) и Северна Македонија што требаше да биде старт на пристапните преговори за членство во Унијата. Од македонската Влада реагираа дека ова е пораз и за ЕУ, а задршката на Бугарија не е во духот на добрососедските односи и дека ваквиот став на бугарската Влада е спротивен на членот 2 од Договорот за пријателство од 2017 година.
Пренесувајќи им ја информацијата на бугарските пратеници по вчерашниот состанок во Брисел, Захариева денеска рече дека Бугарија покажувала добрососедство, а Северна Македонија поддржувала претензии.
„И покрај сите наши манифестации на добрососедство, Скопје не ја смени суштината на својата политика кон Бугарија. Обврските кон нашата земја останаа само декларативни, а во суштина Скопје ја продолжи својата политика за поддршка на неоснованите малцински, историски, јазични и други претензии. Имаме долга листа на примери во кои тие не се придржуваат до потпишаните билатерални документи, рече Захариева од собраниската говорница.“, рече Захариева, пренесе МИА.
–