До сега не се создадоа соодветни услови за да се надминат новите бугарски барања и заради тоа, Република Бугарија одлучи дека во овој момент нема да ја одобри нашата преговарачката рамка во ЕУ. Тоа е неуспех за политиката на ЕУ за проширувањето, лоша порака за целиот регион и пораз за фундаменталните европски вредности и принципи, се наведува во реакцијата на Владата доставена до МИА по денешниот состанок на Советот на министри на Унијата.
„Задршката на Бугарија да ја одобри преговарачката рамка не е во духот на добрососедските односи. Ваквиот став на бугарската Влада е спротивен на членот 2 од Договорот за пријателство од 2017. Нашата позиција е јасна: ние сметаме дека европските интеграции не смеат да бидат заложник на билатерални прашања“, се наведува во реакција.
Според Владата, преговорите со ЕУ не смеат да се претворат во преговори со Бугарија. Напредокот во евцроинтеграциите, како што наведуваат, првенствено треба да зависи од домашните реформи врзани со поглавјата, законодавството на Унијата и постигнувањето на европските стандарди.
„Ние сме сигурни во тоа кои сме и што сме. Од секогаш сме биле Македонци коишто зборуваат македонски јазик, со силно чувство на самоопределување околу кое не може да се преговара и кое не може да биде доведено во прашање. Македонскиот идентитет и македонската национална свест биле отсекогаш високо изразени и на научно и на духовно ниво. Така е и денес, така ќе биде секогаш. Но, истовремено сме особено горди и на нашата смиреност и на нашата национална и политичка големина во овој тежок период за нас. Тоа е одлика на вистински Европејци, тоа е одлика на Македонците“, се додава во реакцијата.
- Захариева: Бугарија не може ја поддржи преговарачката рамка со С.Македонија
- Рот: ЕУсе надева на напредок меѓу Скопје и Софија
Владата наведува и дека вложила сериозни дипломатски напори да создаде услови минатото да не биде кочничар на иднината.
„Ќе продолжиме интензивно да разговараме во интерес на нашата европска иднина при што сметаме дека решение е можно само ако од тоа решение двете страни излезат како победници, затоа бараме „win-win“ позиција“, се нагласува во реакцијата.