Рот: ЕУ се надева на напредок меѓу Скопје и Софија

Германскиот министер за Европа Михаил Рот

Германскиот министер за Европа Михаил Рот порача дека ЕУ не се откажува да помогне да се надмине спорот помеѓу Скопје и Софија и до крајот на оваа година да се усвои преговарачката рамка. Рот кој претседаваше со состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на ЕУ ја даде изјавата по блокадата од Бугарија за преговорите со Северна Македонија. Тој изрази задоволство што двете земји продолжуваат да разговараат. Според него, за Бугарија проблем е кратката форма на името (Северна Македонија) и референцата за македонскиот јазик, како и други билатерални прашања.

„Преговарачката рамка го одразува Преспанскиот договор и важни елементи од Договорот за пријателство, сега има отворени прашања од Бугарија, гледишта што треба да се разјаснат, неопходно е да имаме јаснотија на ниво на ЕУ, треба да се исцртаат некои линии, затоа што рамката треба да биде прифатена и од 27-те земји членки и од земјата што преговара“, објасни Рот.

Рот порача дека до крајот на германското претседателство, односно до 31 декември, има уште време. За Германија како претседавач, рече министерот Рот, е важно да се биде од помош во потрагата по разумно решение.

„Сакаме да го расчистиме патот што е можно повеќе, за да се одржи првата Меѓувладина конференција“, рече Рот.

Бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева по денешниот видео-конференциски состанок на шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ изјави дека Бугарија во оваа фаза не може да ја поддржи преговарачката рамка со Република Северна Македонија, како и одржувањето на првата меѓувладина конференција. Според неа, предложениот нацрт не ги одразувал бугарските барања и не може да биде поддржан во сегашната форма.