Рот: Проширувањето на ЕУ не смее да биде заложник на билатерални барања

Германскиот министер за Европа, Михаел Рот

Германскиот министер за Европа, Михаел Рот кој претседава со денешниот Совет за општи работи на ЕУ во Брисел, најави дека и покрај бугарското вето ќе ја стави точката за проширување на дневен ред, пренесе Дојче веле. Според него, проширувањето не смее да биде заложник на билатерални барања на одредени земји членки.

„Ќе ги информирам моите колеги за процесот на проширување со Северна Македонија и Албанија. Уште на почетокот на годинава одлучивме да ги започнеме преговорите со двете земји. Основен интерес на ЕУ е во најбрз можен рок да започнат преговорите со Меѓувладина конференција“, порача Рот пред почетокот на виртуелниот состанок на министрите.

Министрите за европски работи на ЕУ се очекува на денешниот состанок да разговараат за започнување на преговорите за пристап со Северна Македонија во Унијата. Ако која било земја гласа против рамката за преговори, пристапните преговори не можат да бидат официјално започнати.

Премиерот Зоран Заев изјави дека е „сосема сигурно“ оти Бугарија ќе стави вето на усвојување на рамката за преговори на министерскиот состанок.

Деновиве бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева најави дека Бугарија планира да го искаже своето спротивставување за започнување преговори за пристапување во Европската унија со Северна Македонија, бидејќи двете земји сè уште не ги решија споровите за историјата и јазикот.