Со уште два месеца на функцијата, американскиот претседател Доналд Трамп, ги прашал главните соработници за опциите за напад врз иранските нуклеарни постројки, јавуваат медиумите.
За време на состанокот во Овалната соба, на 12 ноември, Трамп прашал неколку од неговите први соработници, меѓу кои и потпретседателот Мајк Пенс, државниот секретар Мајк Помпео и шефот на Генералниот штаб, генерал Марк Мили, „дали има опции да преземе акција против главната иранска нуклеарна локација во следните недели“, објави вчера „Њујорк тајмс“.
Високите функционери „го одвратија претседателот да оди на воен удар“, предупредувајќи го дека овој потег може да разгори поширок конфликт во последните недели од неговото претседателствување, пишува Тајмс.
Американски официјален претставник го потврди извештајот за Ројтерс на 17 ноември.
"Тој побара опции. Тие му ги дадоа сценаријата и тој на крајот одлучи да не оди со таа опција", рече официјалното лице.
Трамп, наводно, го поставил прашањето откако во извештајот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) се вели дека Иран продолжува да складира збогатен ураниум. Белата куќа одби коментар.