Советот за општи работи на ЕУ за преговорите со С. Македонија

бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева

Министрите за европски работи на ЕУ се очекува на денешниот состанок да разговараат за започнување на преговорите за пристап со Северна Македонија во Унијата. Ако која било земја гласа против рамката за преговори, пристапните преговори не можат да бидат официјално започнати. Според некои дипломатски извори пак, Советот за општи работи на ЕУ ќе одржи како видео-конференција поради пандемијата, а според правилникот за ваков формат на средби не се дозволува носење одлуки како таа за преговарачката рамка со Северна Македонија.

И да дозволи Бугарија, утре не може да се усвои преговарачката рамка

„И да имаме бугарска согласност, ние на состанокот единствено што можеме е да се сложиме околу текстот на преговарачката рамка, но не можеме да го усвоиме преку видео-конференција“, им рече еден од ЕУ дипломатите на новинарите во Брисел. Земјите членки на ЕУ во март годинава едногласно одобрија пристапни преговори со Северна Македонија, но бугарската влада сега го блокира усвојувањето на преговарачката рамка, барајќи адекватно „спроведување на Договорот за добрососедство“.

Захариева - Од Бугарија „не” за старт на преговорите на Северна Македонија со ЕУ

Деновиве бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева најави дека Бугарија планира да го искаже своето спротивставување за започнување преговори за пристапување во Европската унија со Северна Македонија, бидејќи двете земји сè уште не ги решија споровите за историјата и јазикот. Таа рече дека Северна Македонија имала политика заснована на омраза кон Бугарија. Софија сака С. Македонија да признае дека нејзината нација и јазик имаат бугарски корени.

Средби на Заев со Рот и Мас во Берлин

Премиерот Зоран Заев изјави дека е „сосема сигурно“ оти Бугарија ќе стави вето на усвојување на рамката за преговори на министерскиот состанок. Заев, вчера во Берлин се сретна со државниот министер за Европа Мајкл Рот, кој денеска ќе претседава со Советот за општи работи на ЕУ. И покрај разговорите во изминатиот месец, во кои беше вклучена и Германија, која се надева дека преговорите со Северна Македонија можат да започнат додека Берлин го има ротирачкото претседателство со ЕУ до крајот на годината, сè уште не е постигнат договор меѓу Скопје и Софија.