Германија ќе стори се што е во нејзина моќ да почнат пристапните преговори на Северна Македонија со ЕУ за време на германското претседателство до крајот на годинава, истакна германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас во обраќањето на доделувањето на наградата за човекови права на Фондацијата „Фридрих Еберт“ на премиерот Зоран Заев.
"Се водат интензивни разговори за одржување на првата меѓувладина конференција за време на претседателството на Германија со ЕУ. Ние и натаму ќе работиме со вас како и во изминатите денови бидејќи тоа е нашата цел јавно прокламирана за време на нашето претседателство. Од март чекаме конечно да почнат формалните преговори и настојуваме да ја одржиме првата меѓувладина конференција до крајот на годинава" рече Мас.
Нагласи дека од тоа ќе зависи и кредибилитетот на ЕУ во регионот.
" Одлучувачко ќе биде во наредните денови да се најде решение за прашањата за кои се уште немаме одговори. Ќе сториме се што е во наша моќ да ве поддржиме на тој пат" рече шефот на германската дипломатија Хајко Мас
Како што информираат од владината прес-служба, премиерот Заев, придружуван од министерот за надворешни работи Бујар Османи, попладнево во Берлин имаше работна средба и со Михаел Рот, државен министер за Европа во МНР на СР Германија, на која го истакнал очекувањето дека првата меѓувладина конференција со ЕУ ќе се одржи до крајот на оваа година.
До доделувањето на наградата и средбите на премиерот Зоран Заев во Берлин доаѓа пред утрешниот советот за општи работи на ЕУ.
И да дозволи Бугарија, утре не може да се усвои преговарачката рамка
Во Брисел се уште веруваат во решение за Скопје и Софија
Инаку премиерот Заев, како што се наведува во соопштението од владината пресс служба, на средбите во Берлин се заблагодарил за целокупниот ангажман на Германија кон евроинтеграциите на Северна Македонија и Западен Балкан, посебно во рамките на нивното претседателство со ЕУ, но и во рамките на Берлинскиот процес "кој резултираше со неколку клучни договори и соработки кои беа потпишани на самитот во Софија на кој ко-домаќини беа премиерите Заев и Борисов".