Идната година приватизација на ски центарот Попова Шапка

Архивска фотографија - Попова Шапка, април 2020

Наредната година ќе објавиме јавен повик за целосна приватизација или за јавно-приватно партнерство (ЈПП) за ски центарот Попова Шапка, изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши.

„Уште пред кризата ние ја завршивме физибилити студијата и „дју дилиџнс“ за Попова Шапка и за сите туристички објекти кои се во сопственост на ЕЛЕМ Турс. На Владата на Косово и поудивме заеднички да настапуваме во однос на развојот на Попова Шапка и очекуваме од нивна страна да ни одговорат. Во спротивно ние сме подготвени и во текот на наредната година ќе објавиме јавен повик за целосна приватизација на ски центарот Попова Шапка или, пак, преку јавно-приватно партнерство“, рече Бектеши во одговор на прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Тој нагласи дека хотелските објекти на Попова Шапка кои се во сопственост на ЕЛЕМ Турс, согласно физибилити студијата и дју дилиџнсот, главно ќе бидат понудени за директна приватизација.