Бугарија не даде знак дека утре ќе овозможи отворање на пристапните преговори меѓу Северна Македонина и Европската унија (ЕУ), но и да има придвижување на релација Скопје – Софија, усвојувањето на преговарачката рамка утре е невозможно поради форматот на министерскиот состанок, јави дописничката на Радио Слободна Европа (РСЕ) од Брисел.
Имено, Советот за општи работи на ЕУ ќе се одржи како видео-конференција поради вториот бран на ковид пандемијата, и, како што објаснуваат дипломати од ЕУ, правилникот за ваков формат на средби не дозволува носење одлуки како таа за преговарачката рамка со Северна Македонија.
„И да имаме бугарска согласност, ние на состанокот единствено што можеме е да се сложиме околу текстот на преговарачката рамка, но не можеме да го усвоиме преку видео-конференција“, им рече еден од ЕУ дипломатите на новинарите во Брисел.
Земјите членки на ЕУ во март годинава едногласно одобрија пристапни преговори со Северна Македонија, но бугарската влада сега го блокира усвојувањето на преговарачката рамка, барајќи адекватно „спроведување на Договорот за добрососедство“, јави допсничката на РСЕ од Брисел.