Висок дипломат од земја членка на Европската унија (ЕУ), на брифинг со новинарите денеска претпладне, порача дека од изјавите на бугарската министерска за надворешни работи Екатерина Захариева извесно е дека не може да се очекува Софија да се откаже од блокадата на стратот на преговорите на земјава со Унијата на утрешниот министерски состанок, но дека дипломатските напори продолжуваат, јави МИА од Брисел.
„Сѐ уште веруваме дека има шанси да се усогласи преговарачката рамка, вели висок дипломат од земја членка на ЕУ“, е пораката од Брисел ден пред министерскиот состанок на кој се очекуваше Македонија да добие конечно датум за отпочнување на преговорите за членство со ЕУ и прва меѓувладина конференција, пренесе МИА.
Шефицата на бугарската дипломатија, Захариева, изјави дека во овој момент Бугарија не може да даде зелено светло за преговарачката рамка на ЕУ и Македонија, додека не се расчистат односите на Софија и Скопје.
Германското претседателство „продолжува да работи“ и со Скопје и со Софија за изнаоѓање компромис, велат од Брисел, а се вложува надеж и во денешната посета на премиерот Заев на Берлин каде „ќе оствари контакти“, додаваат дипломатите без повеќе детали.