Туристичко-угостителскиот сектор кој трпи значителни штети од ковид кризата ќе добие од државната каса финансиска поддршка од 7,5 милиони евра до крајот на годината, соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
Министерството за економија соопшти дека на почетокот на наредната недела ќе објави пет јавни повици коишто произлегуваат од мерките за поддршка на туристичко-угостителскиот сектор, а се предвидени во четвртиот сет владини мерки.
„До крајот на месецот ќе може електронски да аплицираат на платформата „Дома си е дома“ сите туристички агенции, игротеки, туристички водичи, ресторани што организираат свадби и други правни лица од угостителскиот сектор, а Министерството ќе ги обработува апликациите веднаш, со цел за побрза исплата на средствата“, беше кажано на денешниот работен состанок на министерот за Бектеши со претставници на туристичко-угостителскиот сектор, соопшти Министерството за економија.
Според нив, Бектеши посочил дека со четвртиот сет мерки, со директна финансиска поддршка, преку грантови, се опфатени рестораните, игротеките, лиценцираните туристички агенции и туристички водичи, а е предвидено и враќање на туристичката такса за 2019 година за туристичките објекти.