Обезбедени се пари во буџетот за набавка на вакцини и лекови против ковид-19, изјавија во синоќешната дебата на МТВ премиерот Зоран Заев и министерот за финансии Фатмир Бесими. За вакцини се планирани 390 милиони денари односно 6,7 милиони евра, а за лекот Ремдесивир 67,5 милиони денари.
„Од кредитот со Светска банка 90 милиони предвидено е и за вакцина, а на годишните средби исто така кажаа дека дополнително ќе и дадат на државата само за вакцина. Значи, има обезбедени средства и доколку се покаже потреба за повеќе, засега има доволно средства предвидено за вакцини“, рече Бесими.
Ако со вакцината се почне во јануари, резултати видливи налето
Премиерот Зоран Заев кажа дека проекцијата е 800 илјади вакцини, посочувајќи и на цени од некои производители – 10,47 евра за вакцина односно за двете дози 21 евро. Северна Македонија е во КОВАКС-системот преку кој се резервирани вакцините. Заев соопшти дека авансот ќе се плати веројатно на почетокот на декември, а во 2021 ќе бидат и 390-те милиони денари или 6,7 милиони евра. Во изминатите 24 часа во земјата се регистрирани нови 990 случаи на ковид-19, соопшти Министерството за здравство. Вкупниот број на дијагностицирани од почетокот на епидемијата со новиот коронавирус достигна 47.050, бројот на оздравени пациенти е 27.364, на починати е 1.305, а бројот на активни случаи е 18.381.