Американскиот претседател Доналд Трамп се чини дека за прв пат призна дека неговиот ривал Џо Бајден победи на претседателските избори кои се одржаа на 3 ноември.
„Победи, затоа што изборите беа наместени“, напиша денеска Трамп на Твитер.
Американските медиуми го прогласија Бајден за победник пред осум дена, откако, според неофицијалните резултати, освои повеќе од 270 гласа на Изборниот колеџ, потребни за освојување на Белата куќа.
Понатамошните резултати, во текот на неделата, го зголемија неговото водство, со што Бајден доби водство со 306 гласа наспротив 232 за Трамп.
Трамп обвини за изборни манипулации и со неговиот правен тим започнаа судски процеси за изборните неправилности.
За да има реизбор, Трамп треба да го поништи водството на Бајден во неколку држави, што според повеќето аналитичари е многу малку веројатно.
Изборниот штаб на Трамп ја доби законската битка во Пенсилванија, каде нема да се зема предвид гласачките ливчиња добиени по пошта или од гласање во отсуство, за кои гласачот не доставил валидна идентификација на време. Се верува дека бројот на такви гласачки ливчиња е неколку илјади, што е премалку за да се промени исходот од гласањето во Пенсилванија, каде Бајден има предност од околу 55.000 гласови.