Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека сè додека постои уште простор, постои и можност да се разговара и да се рефлектира приближувањето на ставовите меѓу Северна Македонија и Бугарија. Но, како што вели, одлуката ќе биде донесена во вторник на Советот на министри на Европската унија. Овие два дена, како што рече Османи, остава да се рефлектира вложеното во односите, како и последиците од тоа по меѓусебните односи, регионалните прашања и по кредибилитетот на ЕУ.
„Нашата политика е дека ќе работиме до последниот момент од овој обид за носење одлука на Советот за општи прашања, но и за другите Совети. Ние немаме алтернатива од европската агенда. Не можам да кажам кој ќе биде исходот. Очигледно дека во Република Бугарија се понагласено се зборува за неприфаќање на рамката од нивна страна, но ние ќе продолжиме да работиме, да разговараме не само со Република Бугарија, туку со сите земји – членки, бидејќи немаме алтернатива од европскиот пат“, истакна Османи.
Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека сè поизвесно е дека Бугарија ќе ја блокира Северна Македонија и земјата нема да ги почне преговорите со Европската унија.
Претходно бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева рече дека ќе кажат „не“ на почетокот на преговорите, а не на членството на Северна Македонија во ЕУ.