Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека болниците во целата земја се соочуваат со недостаток на медицински кадар, и оти тоа не е случај само кај нас, туку и во земјите од регионот. Филипче додаде дека имајќи ја предвид ситуацијата со ковид-19, во овој момент нема невработен или неангажиран лекар во нашата држава.
Филипче наведе дека во овој момент се уште нема потреба да се намали интензитетот на работи и закажување преку системот МојТермин, но здравствените власти се подготвени и на тоа сериозно да се редуцира и другата работа на лекарите. И за тоа има план и во болницата „8 Септември“ и во другите клиники, сè со цел да уште поголем број на лекари им помогнат на своите колеги во третманот на пациентите заболени од ковид-19.
Министерот за здравство рече дека по состанокот со приватните лекари десетина се пријавиле да помагаат во справувањето со ковид-19, така што се уште нема потреба да се ангажираат пензионирани лекари.
„Некои земји тоа го прават. Некои земји ги враќаат на работа дури и лекарите и сестрите коишто се дијагностицирани позитивни и се асимптоматски или се во изолација заради контакт, меѓутоа ние засега со овој кадар на располагање успеваме да направиме систем на ротација“, рече Филипче.