Во Босна и Херцеговина, освен во градот Мостар, денеска ќе се одржат седми локални избори од потпишувањето на Дејтонскиот мировен договор. Гласачките места ќе бидат отворени од 7 до 19 часот, а до крајот на денот на изборите е во сила забраната за објавување на резултатите од испитувањата на јавното мислење поврзани со изборите.
Според ЦИК на БиХ, на овие избори имаат право на глас 3.283.380 гласачи, кои ќе гласаат на 5.759 избирачки места, вклучувајќи 388 редовни мобилни тимови. Од тој број, 3.141.257 се редовни, 102.377 ќе гласаат по пошта, а 17.058 по мобилен тим. Меѓу пријавените има 14.059 гласачи со статус на раселени лица.
Оваа година, граѓаните на Република Српска, Федерацијата БиХ и Округот Брчко ќе изберат 56 општински собранија во Република Српска, 64 општински совети во Федерацијата ФБиХ, 120 градоначалници во БиХ, седум градски собранија во Република Српска, 14 градски совети во ФБиХ, 22 градоначалници во БиХ и Собрание на Брчко.
Загарантирани се места за припадници на национални малцинства во 21 општина за 23 кандидати.
На изборите учествуваат 543 политички субјекти, од кои 129 се политички партии, 262 независни кандидати, 72 коалиции, девет листи на независни кандидати, како и 71 кандидат за национални малцинства.
Претставници на меѓународни организации и амбасади ги повикаа граѓаните да излезат на гласање, бидејќи, како што рекоа, нивниот глас е важен.
Изборите во Мостар се закажани за 20 декември и тоа ќе бидат први избори во последните 12 години.