Ерменија пријави 2300 загинати војници во Нагорно-Карабах, Азербејџан не пријавува загуби

Село во Нагорно-Карабах.

Ерменија денеска соопшти дека над 2300 нејзини војници загинале во судирите за контрола врз енклавата Нагорно-Карабах, кои беа окончани со мировниот договор со кој се признава победа на азербејџанските сили.

„Во овој момент, телата на 2317 војници, меѓу кои има и неидентификувани тела, ги презеде службата за судска медицина“, напиша на Фејсбук портпаролката на ерменското Министерство за здравство Алина Кикокгосијан.

Таа вели дека процесот на размена на телата со Азербејџан започна и дека завојуваните страни засега немаат конечни бројки. Ерменските власти досега кажуваа дека во судирите кои почнаа на крајот на септември загинале 1339 војници и 50 цивили.

Азербејџан не ги пријави своите воени загуби, наведувајќи дека загинале 93 цивили.

Ерменија и Азербејџан на почетокот на неделава, под покровителство на Русија, потпишаа примирје со кое се окончуваат судирите во Нагорно-Карабах. Со договорот се признаваат значителни територијални напредувања на Азербејџан и се предвидува Баку да добие дополнителни територии. Според договорот, руски мировни сили оваа недела ќе бидат распоредени во зоната на судири.

По објавата на договорот, избија протести во Ерменија, каде што демонстрантите на кратко го зазедоа седиштето на владата и на парламентот. Опозицијата бара оставка од ерменскиот премиер Никол Пашанијан.

Рускиот претседател Владимир Путин во петокот изјави дека во борбите во Нагорно-Карабах загинале над 4000 илјади луѓе, а 8000 се ранети и дека има десетици илјади бегалци.