Основните училишта, забавиштата и градинките во Грција од понеделник до 30 ноември ќе бидат затворени, а учениците наставата ќе ја следат онлајн (во попладневните часови) и преку едукативната програма на грчката национална телевизија.
Одлуката на грчката Влада, која претпладнево ја соопштија надлежните министри на вонредна прес-конференција во Министерството за здравство на Грција, доаѓа по препорака на Комисијата на епидемиолози за да се намали раздвиженоста на возрасните.
Министерот за здравство на Грција, Василис Кикиљас, објасни дека препораката на комисијата е врз основа на интензивната раздвиженост на родителите, бабите и дедовци, кои ги земаат или носат децата на училиште, како и од наставници и вработените.
„Предност има јавното здравје, основните училишта беа последното нешто што сакавме да се затвори и ова, само по себе е порака до сите за тоа колку е сериозна ситуацијата“, рече Кикиљас.
Министерот за внатрешни работи на Грција Такис Теодорикакос рече дека за вработените во државниот сектор кои имаат деца што одат во градинка или во основно училиште, предвидено е или намалено работно време или користење специјално отсуство. Со почетокот на вториот карантин во саботата, се затворија средните училишта, но и сите универзитети, а средношколците и студентите следат онлајн настава и онлајн предавања.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис рече дека ако се почитуваат здравствените правила и ако се подобри епидемиолошката слика во земјата, ќе дозволат прослава на Божик во поинаква средина. Мицотакис тоа го рекол на денешната средба со поглаварот на Грчката православна црква, архиепископот Јеронимос.
Според медиумите во Грција, Грчката православна црква минатата недела преку писмо побарала црквите да бидат отворени за божиќните празници.