Османи - До последен миг ќе се приближуваат ставовите со Бугарија

Прес-конференција на Бујар Османи и Екатерина Захариева на самитот на Берлинскиот процес, архивска фотографија

Нема да се откажеме од овој процес до последен миг, вели министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за приближувањето на ставовите со Бугарија за интеграцијата на Македонија во ЕУ. Тој денеска на прес-конференција не откри кои иницијативи се прават или ќе се прават наредните три дена, за да се приближат ставовите.

Според министерот за надворешни работи Османи, постигнат е напредок во многу прашања, дури, како што посочи, 7-8 што биле сензитивни за едната или за другата страна. Османи вели дека во моментот нема конкретна иницијатива, меѓутоа МНР подготви платформата за комуникација во овој период и ги создаде каналите. Османи вели дека сепак одлуките ги носи државниот врв, Владата заедно со другите чинители.

Според шефот на дипломатијата, има простор да се објаснуваат прашањата како што е дека краткото име не претставува референца кон историскиот регион Македонија, туку кон државата Северна Македонија, и не е спорно дека краткото и долгото име на државата се реферираат на овие државни граници на Северна Македонија. Прашањето за рехабилитацијата на жртвите од комунизмот, прашањето за немешање во внатрешните работи на соседите, на економската соработка, создавање акциони планови за инфраструктурното поврзување помеѓу држави, се прашања за кои има простор да се разговара, вели Османи. За овие прашања досега немало разговори, рече тој, но треба да се остави да се види дали во овие три дена ќе се најде заеднички јазик.

Оцени дека никој не може да очекува оти во три дена ќе се надминат разликите што траат со децении меѓу двете држави.

Османи рече дека не може да предвиди што ќе бидат одлуките на Советот за општи работи во вторник.

Не сакаше да ги коментира бугарските позиции и истакна дека позиции на Македонија се јасни, а целта е пријателство, добрососедство, меѓусебно почитување, имплементација на одредбите и инструментите од договорот, гаранција дека овој договорот е единствениот механизам за надминување на разликите.

Бугарската Влада го утврди ставот за преговарачките рамки за пристапување на Северна Македонија и на Албанија во ЕУ. Тоа било сторено вчера на вонредна онлајн седница. Пристапувањето на Скопје и Тирана треба да биде разгледано на состанокот на Советот за општи работи на 17 ноември, соопшти владината прес-служба. Но во соопштението не се наведуваат детали за утврдената позиција.